Вигман: Знаеме дека Македонија ќе биде дефанзивно настроена против Англија

Македонската женска фудбалска репрезентација вечерва ќе ги отвори квалификациите за Светското првенство во 2023 година. За противник ја има моќната Англија, предводена од новиот стратег Сарина Вигман.

51-годишната Холанѓанка на селекторското столче на Англија седна како замена на Фил Невил, кој се пресели во МЛС лигата во тимот на Интер Мајами и своето ќе го има токму против нашиот национален состав. Таа смета дека Македонија ќе биде дефанзивно настроена на овој меч, кој се игра во Саутемптон, на „Сент Мери“.

 „Очекуваме Македонија да биде прилично одбранбено настроена. Знаеме дека поседот ќе биде во нашите нозе, ќе имаме доминација и можности да се закануваме. Македонија има две фудбалерки кои играат во странство, едната во Финска, а другата во Шпанија. Тие се најдобрите во тимот, а ние очекуваме да ја имаме контролата врз играта и да напаѓаме“, вели новиот селектор на Англија.

Четири дена по вечерашниот дуел со Англија, на Националната арена „Тодор Проески“ ќе се спротиставиме на селекцијата на Австрија.