„Видов многу позитивни работи на „Олд Трафорд“, но треба да учиме од грешките“

Кој е лидер на новиот Челзи на Френк Лампард? Ова прашање си го поставуваат многу приврзаници на „сините“, а со тоа и се обидуваат да пронајдат харизматичен водач на групата. 

На денешната прес-конференција говореа двајца фудбалери кои имаат задача да им помогнат на помладите да сфатат каков значај има носењето на дресот на Челзи.

Еден од капитените Цезар Аспиликуета го најави дуелот со Ливерпул.

„Во првиот дел против Манчестер Јунајтед го контролиравме и доминиравме натпреварот. Можеше да се смени текот на натпреварот ако бевме прецизни и сега коментарите ќе беа поинакви. Сепак, видов многу позитивни работи на „Олд Трафорд“, треба да работиме напорно и да учиме од грешките.

Не сакам да размислувам во насока дека првпат ќе ни суди жена. Среќен сум што стигнавме до ова ниво. Гледавме многу позитивни примери на женскиот Мундијал ова лето. Не гледам никаков проблем, ќе го сфатиме нејзиното присуство како нормално и ќе се обидеме да им ја олесниме работата на судиите“, смета капитенот. 

Вториот Шпанец, Педро Родригез не беше премногу зборлест, но вети дека Челзи утревечер ќе зборува на теренот. 

„Играме финале, играме за трофеј, а тоа е секогаш убаво. Да се почне сезоната со титула би било идеално. Но, играме против моќен тим и при позиционен напад и на контра напади. Ливерпул има безброј решенија и мора да бидеме подготвени на секое нивно лице. 

Кога играте за Челзи секогаш сте мотивирани. Утре важен ни е менталитетот, да излеземе и да се надигруваме и да го победиме европскиот првак“, заврши Педро.

Минатата сезона Челзи го елиминира Ливерпул во Карабао Купот, играше добро и во првенствените натпревари, па се надева дека не е без шанси и утревечер во Истанбул.