ВИДЕО: Видеотон и Николов пак подобри од ПАОК, Марсеј прерано елиминиран

Бобан Николов и Видеотон се блиску до европска пролет, откако во дуелот од Л групата од 4. коло на Лига Европа, славеа значајна победа над директниот конкурент ПАОК со 1-0 со голот на Георги Миланов во 50. минута. Нашиот репрезентативец влезе во игра на местото на стрелецот во 58. минута. Лидерот Челзи во Белорусија го совлада тимот на Бате Борисов со 0-1 со голот на Оливие Жиру. 

Ланскиот финалист на Лига Европа, Олимпик Марсеј прерано е елиминиран од натпреварувањето, бидејќи на две кола до крајот на групата Х се наоѓа на огромно заостанување зад водечките две екипи на табелата. Лацио ги победи избраниците на Руди Гарсија со 2-1 со головите на Марко Пароло во судиското надополување од првиот дел и Кореа на почетокот од вториот дел. Товен го постигна почесниот гол за Французите. 

Ајнтрахт Франкфурт славеше на Кипар против Аполон со 2-3 со головите на Јовиќ, Халер и Гачиновиќ и со максимални 12 бода обезбеди место меѓу 32-те екипи кои ќе играат напролет. 

Во рамките на групата К, Динамо Киев го надигра Рен со 3-1 со головите на Вербиќ, Миколенко и Шарапенко и се наоѓа на чекор до нокаут-фазата. Рапид и Виљареал во Виена играа без голови, а Стивен Жерард и Глазгов Ренџерс загубија во Москва од Спартак на Масимо Карера со 4-3 во спектакуларен натпревар. 

Бешикташ долго водеше во Генк со 0-1 со голот на Рикардо Кварезма во 16. минута, но Берге во 87. минута спаси бод за белгискиот претставник. Малме и норвешки Сарпсборг играа без победник 1-1. Во рамките на групата Ј, Севиља славеше во Турција кај Акисарспор со 2-3, а Стандард, иако долго водеше, загуби од Краснодар со 2-1.