ВИДЕО: Реал Мадрид со празнична победа ја заврши оваа година

Во првиот натпревар од последното коло за оваа година од шпанската Примера, екипата на Реал Мадрид успеа да извојува победа против тимот на Реал Сосиедад со 3-1 (1-0). 

По почетното тактизирање возбудата стигна во 24. минута кога по одличната глума на Карим Бензема, судијата Гонзалез одлучи да досуди пенал за домашната екипа. Правдата беше задоволена, бидејќи ударот од 11 метри, Кристијано Роналдо го упати далеку во трибините. Шанса за поправен Португалецот доби во 40. минута, кога гостинскиот играч, Јури Бериче несмасно реагираше во шеснаесеттикот. Овој пат Роналдо успешно го изведe пеналот и ја одведе својата екипа на полувреме со водство од 1-0.

Гостите уште од самиот почеток на вториот дел, најавија дека нема да се предадат и во 49. минута, по асистенција на Џонатас, Португалецот Брума со одличен удар го матираше домашниот голман и го изедначи резултатот на 1-1.  За повторно водство на „кралевите“  во 67. минута прецизен беше Роналдо. Конечните 3-1 ги постави Лукас Васкез во 86. минута, по одличната асистенција од Герет Бејл.

Паралелно со овој натпревар се играше и мечот помеѓу Леванте и Малага, каде поуспешна беше гостинската екипа и со голот на Дуда во 79. минута победи со 1-0.