ВИДЕО: Налдо му пресуди на Јунајтед, ПСВ со пресврт до осминафиналето

Манчестер Јунајтед

Екипата од Манчестер Јунајтед, сама си ја кроеше судбината на гостувањето на „Волксваген арената“, бидејќи победа беше императив за избраниците на Ван Гал. Но наместо победа, „црвените ѓаволи“ претрпеа пораз и со победата на ПСВ Ајндховен над ЦСКА Москва, англичаните испаднаа од Лигата на шампионите и ќе продолжат во Лигата на Европа. 

Тимот на Ван Гал подобро го започна дуелот со неколку последователни шанси. Најнапред се заканија Хуан Мата и Бастијан Шванштајгер, но се чекаше 9. минута за да се отвори резултатот. Добрата игра, „ѓаволите“ ја крунисаа со погодокот на Марсијал, по одличниот пас на Мата. Домаќинот не падна на овој брз погодок и веднаш се врати во игра, со погодокот на Налдо, четири минути подоцна. Добриот момент го искористија домашните и го свртија ритамот на натпреварот во своја корист. Точно по половина час игра, Волфсбург успеа да направи целосен пресврт, по одличната акција на Дракслер, кој несебично додаде до Виериња за 2-1, што беше и резултатот по првите 45 минути.

Второто полувреме започна во помирно темпо, со шанси на двете страни. Во неколку наврати, Манчестер Јунајтед се обиде да ја анулира негативата, со обидите на Мемфис Депај. Волфсбург возврати со брзи контра напади. Најубавата шанса ја имаше Андреас Шурле, меѓутоа Де Геа не дозволи дупла негатива за неговиот тим. Доминацијата на Јунајтед во вториот дел даде резултат во 82. минута, кога Гвилавоги си постигна автогол. Како и во првото полувреме, така и сега, Волфсбург веднаш одговори со вториот гол на Налдо по само две минути, за водство од 3-2, што беше и конечен резултат. Домаќините, така го обезбедија првото место на табелата и се пласираа меѓу најдобрите 16 екипи.

Во вториот меч од групата Б, екипата на ПСВ успеа да слави над ЦСКА Москва со 2-1. Во натпревар со малку возбудувања и шанси, Русите успеаја дури и да поведат во 76. минута, со голот на Сергеј Игњашевиќ. Меѓутоа, радоста на московската екипа траеше само две минути, кога Лук де Јонг прво го изедначи резултатот, за во 85. минута, Дејви Пропер да направи целосен пресврт и да му донесе победа на домашната екипа од Ајндховен. Со оваа победа, Холанѓаните му се придружија на Волфсбург и се пласираа во следната фаза од Лигата на шампионите.