ВИДЕО: Антонио и Керол му пресудија на Ливерпул

Во првиот натпревар во оваа година од англиската Премиер лига, екипата на Вест Хем Јунајтед успеа да слави над тимот на Ливерпул со 2-0 (1-0). По двете победи во низа, фудбалерите Клоп на денешниот натпревар одиграа многу бледо и иако имаа поголем посед на топката, ретко доаѓаа до ситуација да се заканат кон голот на Адриан.

Вест Хем поведе во 10. минута со голот на Михаил Антонио, откако Валенсија успешно центрираше од десната страна. 25–годишниот Антонио беше во поубаво поставена позиција од Клајн и со глава ја смести топката во голот. За Англичанецот ова е втор гол постигнат оваа сезона. 

Десет минути игра му беше доволна на Вест Хем и во второто полувреме, за повторно да ја затресе противничката мрежа. Овојпат, по асистенција на Нобл, Енди Керол го постигна конечниот резултат од 2-0. На безидејниот Ливерпул не му помогнаа ни Кутињо ни Лалана, па на овој натпревар остана без погодок.

 

Во следното коло Ливерпул го дочекува Арсенал, а Вест Хем гостува кај Бурнмаут.