• Иван Димовски
Лацио се врати од два гола негатива и освои бод во дуелот со Парма (2-2) во рамките на 34. коло на Серија А. Пресметката на „Олимпико“ во Рим понуди двојно гостинско водство, а „млекарите“ имаат за што да жалат. Сепак, на крајот Лацио беше тимот кој целосно се наметна, се врати во мечот и дури можеше да го добие.
- Лацио - Парма 2-2:
Резултатот во Рим беше отворен по само три минути со голот на Јакоб Ондрејка по асистенција на Валери (0-1). До полувремето домаќинот имаше еден поништен гол преку Кастељанос, а на стартот на вториот дел Парма ја удвои позитивата. Одново стрелец беше Ондрејка во 46. минута. Имаше гостинот и колосална шанса да стигне до трет гол, но голема шанса не искористи Матео Пелегрино.
Во продолжението Лацио во целост се наметна, а по неколкуте шанси следуваа два гола набрзина. Ветеранот Педро погоди во 79. минута за 1-2, додека пет подоцна и за целосно израмнување (2-2). До крајот момците на Барони притиснаа и се обидоа да дојдат до победата, но за малку не беа казнети бидејќи во контра на спротивната страна зицер не искористи Денис Ман. Лацио испушти шанса да скокне на петтото место на табелата и сега е седмопласиран со 60 бода, додека Парма има 32 на 16. позиција.
Претходно празно реми одиграа Удинезе и Болоња (0-0). Домаќинот во Удине освои бод по пет порази во низа, додека исходот беше чекор назад за Болоња во трката за Лигата на шампионите.
Гостинска победа на „Марк Антонио Бентегоди“ во Верона забележа Каљари од 0-2 со головите на Паволети и Деиола.