ВИДЕО: Вест Хем на крилата на Нобл и мајсторијата на Халер го декласира Борнмут

Вест Хем го прегази Борнмут со 4-0, во директен дуел за избегнување на опасната зона во рамките од 21. коло на Премиер лигата. На клупата на „чеканите“ дебитираше Дејвид Мојс, кој пред неколку дена го наследи Пелегрини на клупата. Искусниот Марк Нобл двапати стрелаше, а надополнет со одличниот гол на Халер и Андерсен лондонската екипа лесно дојде до трите бода.

  • Вест Хем - Борнмут 4-0:

Домаќините поведоа со голот на Нобл во 17. минута од средбата. Капитенот по одлично вратена топка, од 20 метри биеше и со помош на еден одбранбен играч, кој го смени правецот на шутот го запиша погодокот. Само осум минути подоцна Себастиен Халер ефектно погоди со „ножички“, по нафрлената топка од Фредерикс за удвојување на предноста. 

Марк Нобл практично го реши дуелот со голот од белата точка во 35. минута од натпреварот. Ветеранот од Вест Хем сам ја изнуди најстрогата казна, со одличен продор од десната страна, по кој беше фаулиран. 

Конечните 4-0 ги постави Фелипе Андерсон, кој одлично се снајде и од зицер позиција го совлада Ремсдејл. Инаку, на голот му претходеше одлична дијагонала од Деклан Рајс, кој од спротивната страна на теренот го пронајде Бразилецот. До крајот Вест Хем доби и црвен картон, кој беше поништен по преглед на ВАР снимката. Со оваа победа Вест Хем ги мина токму Борнмут и Астон Вила, за 16-тата позиција на табелата со два бода над денешниот ривал кој е 18-ти.

Фудбалерите на Норич Сити беа на работ да го изненадат Кристал Палас и одиграа 1-1 на „Кероу Роуд“. Домаќините долго водеа, а во самиот финиш ја испуштија шансата да ги освојат трите бода. Кристал Палас сега е во мини серија од три средби без пораз. 

Норич Сити - Кристал Палас 1-1: 

Норич поведе уште во четвртата минута преку Кантвел, кој по една мешаница излезе сам пред голманот Гуаита и реализираше. Иако изгледаше дека тие солидно се бранат и ќе успеат во намерата да ја задржат предноста, фудбалерите Кристал Палас израмнија во 87. минута. Заха одлично предрибла и ја уфрли топката на петерецот, а Конор Викам само ја смести во празната мрежа. Играчот на гостите беше на работ од офсајд позиција, но не се огласија судиите од ВАР собата. 

„Фенерџијата“ во Премиер лигата полека ги губи шансите за опстанок, а првото безбедно место е на седум бодови. Од друга страна, Рој Хоџсон и Кристал Палас сонуваат дека може да се избори европско место, бидејќи разликата во бодови е многу мала.