Венгер верува во својата идеја – СП на секои две години: Спремен сум да ризикувам

Арсен Венгер пред извесен период пред раководството на ФИФА ја претстави идејата Светското првенство да се игра на секои две години, наместо на секои четири години како што е сега.

Многумина се против оваа идеја на легендарниот стратег, особено УЕФА, која е загрижена за своето Европско првенство, но Венгер вели дека нема намера да се откаже од својата цел.

„Подготвен сум да ризикувам за да го направам фудбалот подобар. Актуелниот фудбалски распоред е без јасност, едноставност и модерно организирани сезони. Ако продолжиме вака, ќе удриме во ѕид. Светското првенство е толку голем настан што сум убеден дека нема да ја изгуби својата репутација ако се одржува.на секои две години. Фудбалерите сакаат да бидат најдобри на светот и да бидат најдобри на светот секоја година. Многу луѓе се против бидејќи Светското првенство го доживуваат емотивно, јас ги разбирам затоа што тие израснале со гледање Светското првенство на секои четири години. Многумина од нив не го ни видоа целосно мојот концепт“, рече Венгер, кој денес е шеф на глобалниот развој на ФИФА.

Планот на Венгер е и да го намали бројот на квалификациски натпревари. Претходно, 166 фудбалски федерации членови на ФИФА гласаа за одобрување на физибилити студија за одржување на Светското првенство на секои две години.