• Иван Димовски

Фудбалерите на Венеција се пласираа во осминафиналето на Копа Италија, откако славеа на домашен терен против Тернана со 3-1 (0-0). Пресметката на „Пјерлуиџи Пенцо" понуди релативно изедначен прв дел, но екипата од Серија А со подобро второ полувреме победи.
- Извештај од натпреварот:
Тернана успеа да го шокира домаќинот, бидејќи Петинари по една мешаница погоди уште во третата минута за водство. Сепак, ВАР ја „расипа забавата“ и го поништи погодокот на второлигашот поради офсајд.
Вториот дел тргна со погодок на Хајсман и водство на поквалитетната Венеција од 1-0 во 49. минута. Радоста траеше кратко, бидејќи Петинари успеа да даде гол кој се брои само четири минути подоцна за 1-1. Паоло Занети мораше да се сврти кон поквалитетните играчи на клупата и менуваше, а резервистот Црнигој ја врати предноста на Венеција во 66. минута, за потоа во 81. минута Форте да ги постави конечните 3-1.
Така, Тернана по изненадувачката елиминација на Болоња, беше исфрлена од Купот, додека Венеција во осминафиналето ќе гостува кај Аталанта.