• Горан Упале
Репрезентациите на Велс и Гана одиграа нерешено, 1-1, во пријателски натпревар во Кардиф, во кој гостите беа на чекор до победа, но примија гол во самата завршница.
Во првото полувреме Велс имаше целосна иницијатива и доминација во поседот на топката, создавајќи повеќе опасни ситуации, но не успеа да го отвори резултатот. Најблиску до гол беше преку Џејмс, кој двапати ја погоди рамката на голот. Гана, иако помалку конкретна, имаше одлична шанса преку Ају, но голманот Дарлоу успеа да интервенира навреме.
Во вториот дел следуваше шок за домаќините, откако Гана поведе во 67. минута преку Јиренки, кој по одбиена топка успеа од втор обид да ја смести во мрежата.
Сепак, кога се чинеше дека Африканците ќе ја прекинат серијата порази, Велс во судиското продолжение стигна до израмнување. Кумас во 93. минута погоди за конечни 1-1 и им донесе реми на „змејовите“.













