Велковски: Сега сè е во ред, но да не зборуваме за повреди, ќе се подречам

Дефанзивецот на Ријека и селекцијата на Македонија, Дарко Велковски премина во Хрватска летото 2018 година, а оттогаш за клубот има само 14 настапи во сите конкуренции. Тој имаше проблеми со тешки повреди, кои го оддалечуваа од терените долг период. 

Одбранбениот играч зборуваше со локалните медиуми за кои нагласи дека е среќен и задоволен и покрај пеховите. 

„Нека биде секогаш вака и јас сум задоволен, иако имаше доста пехови во изминатиот период. Сега, да чукнам во дрво, сè е во ред, одработив целосни припреми и се чувствувам одлично. Но, да не зборуваме за повреди, да не се подречам“, започна Дарко. 

Репрезентативецот во овој момент зад себе има три комплетни натпревари, но и уште два настапи пред новогодишната пауза. 

„Не знам навистина што да кажам повеќе на оваа тема и мене веќе ми оди на нерви да разговарам за повреди. Мене ми е најтешко, а најдобро е да не зборувам. Можеби причини за повредите беа прекратки периоди на заздравување, бидејќи не бев во натпреварувачки ритам. Верувам дека во пролетниот дел од сезоната тоа ќе се промени“, истакна играчот.  

Велковски првпат оваа сезона врза неколку настапи, а тоа што полека влегува во натпреварувачка форма е плус за Игор Ангеловски. Нашиот селектор силно верува во стоперот и негово присуство за мартовскиот дуел со Косово ќе биде плус.