• Мартин Танасковски
Македонскиот стопер Дарко Велковски конечно дебитира за унгарска Ниреѓхаза за која потпиша во зимскиот преоден рок. Првиот меч го одигра од стартот и тоа на перфектен начин, со победа над Дебрецен (1-0) кој е еден од конкурентите за опстанок во ОТП Лигата.
Ниреѓхаза освои важни три бода, а Велковски беше најдобриот играч во стоперската линија со оценка 8,2. Воедно, беше втор најдобар играч на теренот, по стрелецот на единствениот гол Мартон Епел.
За Велковски ова беше прв клупски меч по една година. Последниот го одигра како член на Динамо Букурешт во месец мај 2024 година. Оттогаш па до сега, настапи на шест меча за репрезентацијата, а само еднаш одигра 90 минути, тоа беше против Чешка.
Враќањето на Дарко Велковски на терените е добра вест и за селекторот Благоја Милевски пред јунските предизвици во квалификациите за СП 2026.