Велковски: Да ја завршиме годината со победа и нов скок на ФИФА-листата

Дарко Велковски, стоперот кој настапува за Вардар и А-репрезентацијата на Македонија, очекува интересен дуел со Норвешка во Скопје, на кој вели дека двете репрезентации ќе имаат шанса да се воигруваат, но потенцира дека само триумф е во мислите на нашите фудбалери.

„Нѐ очекува дуел со Норвешка  каде може повеќе да се воиграме. Немавме многу натпревари како репрезентација оваа година, ќе го искористиме овој натпревар за воигрување, но сакаме и победа. Одиме на позитивен резултат кој ќе не искачи на ФИФА-листата. Последните четири меча ги завршивме со позитивен резултат, се надевам дека ќе има уште еден за крај на оваа година“, изјави Велковски.

Македонија четири меча во низа нема пораз и има две победи над Израел и Лихтенштајн, како и две нерешени со Албанија и Италија.