Велкоски: Вележ нè намачи, не очекувавме вака тежок натпревар!

Капитенот на Сараево, Крсте Велкоски не го криеше своето задоволство од денешниот погодок за победа над Вележ во рамки од шеснаесетинафиналето на Купот на Босна и Херцеговина. 

Поранешниот македонски репрезентативец и во новата сезона продолжува да тресе мрежи за својот тим, а по мечот со Вележ вели дека тој и неговите соиграчи не очекувале вака тежок натпревар во Мостар. 

„Одигравме тежок натпревар, во првото полувреме бевме во грч, но за среќа во вторите 45 минути се опуштивме и заслужено запишавме победа на овој дуел. Можеби и нашето искуство го реши победникот, но Вележ се покажа како цврста и организирана екипа. Пред овој дуел наша цел беше да стигнеме до што полесна победа, бидејќи нè чекаат неколку тешки натпревари во првенството, но за жал не успеавме во тоа. Сепак, среќни сме за пласманот во осминафиналето“, изјави Велкоски. 

За искусниот голгетер овој гол е негов трет во новата сезона, откако претходно двапати стрелаше во домашниот шампионат.