Велкоски емотивен: Замислував збогум пред полни трибини!

Поранешниот македонски репрезентативец, Крсте Велкоски си замина од редовите на Сараево. Искусниот напаѓач не е во плановите на новиот тренер на тимот Феѓа Дудиќ, па разделбата беше за очекување.

Голгетерот емотивно го доживеа овој момент и преку порака на социјалните мрежи се збогува со фановите на „бордо“ тимот. 

„Тешко е да се најдат вистинските зборови за збогум, толку години и многу емоции се вплетени. Сè замислував поразлично, збогување со полно „Кошево“.

Никогаш нема да заборавам што доживеав тука. Поминаа седум години, 235 меча, 64 голови и 44 асистенции, шест трофеи. Им благодарам на моите соиграчи, тренери, медицинскиот тим, како и останатите вработени во клубот. Да се носи овој дрес беше голема гордост за мене. Заминувам со крената глава“, напиша Велкоски.

Македонскиот напаѓач ја играше втората етапа во Сараево. Прв договор потпиша во 2014 година, кога пристигна од редовите на Работнички. Кам-бек во клубот направи пред пет години, а потоа ја доби и капитенската лента.