Велибор Џаровски - Џаро: Каде што се Србите и Хрватите, таму има најголеми „местенки“!

Еден од најпознатите менаџери кои местеле натпревари, Велибор Џаровски - Џаро, за хрватските медиуми даде свое мислење за скандалот кој ја зафати цела Европа. 

„Кралот на местенките“ вели дека не е изненаден што во случајот најмногу вмешани има од балканските простори, поточно од Србија и Хрватска.

„Не ме изненади воопшто, таму каде што се Србите и Хрватите, таму има најголеми местенки. Јас сум местел со Хрвати и тоа ќе продолжам да го правам и во иднина. Белгиската полиција ја прислушкува цела Европа, има софистицирани методи да го прави тоа, а ако ги издвои Дејан Вељковиќ и Иван Леко, тоа значи дека тие сигурно се вмешани во местење натпревари. Тие имаат одличен однос“ , вели македонскиот менаџер.

Операцијата, која медиумите ја нарекоа „чиста рака“, е најголема во историјата на Белгија. Цела прволигашка сцена се наоѓа на удар на полицијата, а во претресот на 44 домови учествуваа 186 специјалци.