ВИДЕО: Велес ги слави Мишов и Баша, Борец ја совлада Ренова и останува во Прва лига!

Екипата на Борец на едно коло до крајот на Првата македонска фудбалска лига стави крај на сите дилеми, кога во прашање е опстанокот во мак-елитата. Попладево, избраниците на Христов го добија клучниот натпревар во сезоната и со сигурна победа од 2-0 на директниот ривал Ренова и официјално обезбедија прволигашки статус и следната сезона. Поразениот тим од Џепчиште, пак, останува на десеттото место и доколку не се случи чудо во последното коло најверојатно ќе игра бараж за останување во прволигашкото друштво.

По мирниот и борбен старт првото вистинско возбудувања дојде пред домашниот гол, откако во 15. минута Ренова доби најстрога казна, но не ја искористи таа шанса. Одговорноста ја презеде Селмани и биеше силно, но Георгиевски со пантерска одбрана успеа да го прочита ударот на противникот и ја сочува својата мрежа.

Одбранетиот пенал на Георгиевски како да ги раздрма фудбалерите на Борец, кои во продолжение влегоа во посакуваниот ритам и супер-гол во 30. минута, за водство од 1-0. По една одлична тимска акција Османоски несебично го проигра Мишов, а овој „распали“ од прва и даде ефектен гол во мрежата на „гипсарите“.

На полувреме се замина со предност на велешани од 1-0, а на стартот од вториот дел искусниот Ќатип Османи, незадоволен од прикажаната игра на своите избраници во првите 45 минути, се реши за хокеарска замена и својот тим го освежи со Рамадани, Перез и Шефити. Првата шанса за израмнување на резултатот ја имаше токму нововлезениот Рамадани, кој по еден центаршут избегна офсајд ситуација, но биеше непрецизно со глава, а во 60. минута Перез задоцни при една длабочинска топка и пропушти голема можност за погодок.

Со оглед на ситуацијата на табелата Ренова немаше друг избор, освен со сите сили да го нападне голот на Борец, но домашните фудбалери одлично ги завршија своите дефанизвни задачи, а притоа во 92. минута преку Баша ставија точка на натпреварот (2-0).

Во последното коло оваа сезона Борец гостува кај Академија Пандев, додека Ренова на свој терен ќе го пречека тимот на Работнички.