„Вечерњи“ дециден: Адеми е неморален, не ја заслужува капитенската лента

Екипата на Динамо Загреб одлучи со ригорозни мерки да ги анулира загубите од пандемијата на коронавирусот која го погоди светот. Тимот ќе ги скрати платите на играчите со цел да се исплатат сите останати вработени, што очекувано навлече негодување. 

Хрватските медиуми во целост ја оправдуваат одлуката на клубот, со која ќе се помогне да нема енормни загуби. Меѓу најпогодените се најде нашиот репрезентативец Аријан Адеми и тренерот Ненад Бјелица, кои веднаш се пожалиле за одлуката. 

Играчот за врска на македонската репрезентација стана огромна мета на критика од тамошниот „Вечерњи лист“, кој го нападна капитенот на Динамо поради наводната одлука да се побуни за кратењето на платата. 

„Играчите се во право, но морално не. Особено моралот е слаба страна кај капитенот Аријан Адеми, бидејќи како шеф на „модрата“ соблекувална мора да ги наговори играчите да останат мирни. Тој мора да се присети дека во моментите кога поради допинг беше суспендиран, клупските челници беа зад него. Сега тој покажува дека парите му се поважни од клубот и вработените. Лицемерно капитену. Затоа по оваа ситуација капитенската трака на Динамо мора да му се одземе, не ја заслужува повеќе“, напиша медиумот.

Аријан Адеми е член на Динамо Загреб од 2010 година, од кога запиша 260 настапи постигнувајќи 25 голови. Тој беше суспендиран на четири години од ЦАС поради позитивен допинг тест, но истата беше преполовена, па Адеми пропушти само две сезони.