ВИДЕО: Вечер на изненадувања во ЛШ - Ковачиќ спаси пораз на Реал, Јуве блед против Лион

Фудбалерите на Реал Мадрид во натпревар од 4. коло од Ф групата во Лигата на шампионите успеаа да освојат само бод кај Легија, играјќи 3-3 (1-2). Извонредниот натпреварот во Варшава, за жал се играше пред празни трибини, поради казната која ја заработи Легија, заради немирите на нејзините навивачи.

Натпреварот започна со феноменалниот волеј погодок на Герет Бејл во 55 секунда (најбрз гол за Реал Мадрид во историјата на ЛШ) за водство на мадридските бели од 0-1. До полувремето Бензема зголеми на 0-2 во 35. минута, но неизвесноста пред одморот ја врати Офое во 40. минута, кој погоди за 1-2, резултат со кој се замина на одмор.

Во второто полувреме фудбалерите на Легија, преку Радовиќ во 54. минута успеаа да израманат на 2-2. Тоа беше знак за избраниците на Зидан да тргнат офанзивно кон голот на Легија, но наместо водство од 2-3, следеше нов шок за „кралевите“ и во 84. минута Тибо Мулин донесе водство за Легија од 3-2. Сепак тоа водство траеше само две минути, откако Ковачиќ израмни и спречи пораз на својот тим, поставувајќи ги конечните 3-3.

Во вториот натпревар од истата група Борусија Дортмунд успеа да слави победа против Спортинг Лисабон од 1-0 (1-0) и на две кола до крајот на групната фаза да обезбеди осминафинале. „Милионерите“ отворија уште во 12. минута со голот на Рамос, а до полувремето имаа шанси да го дуплираат водството, но гостите од Лисабон успешно се бранеа. Во вториот дел Борусија Дортмунд успеаа да ја зачува предноста и раниот гол се покажа како доволен за победа во денешниот натпревар.

Јувентус во Торино, во натпревар од Х групата успеа да освои само бод против француски Лион, играјќи 1-1 (1-0). Домаќините поведоа со 1-0 по голот од пенал на Игуаин во 12. минута. До полувремето фудбалерите на Лион беа рамноправни, но не успеаа да го совладаат Буфон. Како резултат на таквата игра стигна и голот на Толисо во 85. минута за израмнување на 1-1, што на крајот беше и конечен резултат.

Во дуелот од истата група одигран во Шпанија, фудбалерите на Севиља го совладаа Динамо Загреб со 4-0 (1-0). Гостите од Загреб одолеваа на нападите на домаќините се до 31. минута, кога Вието погоди за 1-0. До крајот на првиот дел Динамо Загреб остана и со човек помалку по исклучувањето на Стојановиќ во 45. минута. Во вториот дел Ескудеро, Нзонзи и Бен Једер само го наполнија голот на загрепчани за убедлива победа од 4-0.

Во натпреварите од Г групата, Лестер Сити за првпат не победи во ЛШ, откако одигра 0-0 на гости, кај Копенхаген. Во вториот натпревар од истата група Порто го совлада Бриж со 1-0. Стрелец на победничкиот гол беше Силва во 37. минута.