Васоски: Силекс има нов освежен лик и го сакам со победнички карактер

Екипата на Силекс од Кратово го формира ростерот за новата сезона. Александар Васоски ги одработи подготовките на максимално ниво и со седум нови играчи влегува во првото коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Во интервју за клупската страница на Силекс, Васоски посочи како е задоволен од досега сработеното и што очекува во новата сезона.

„Мислам дека подготовките поминаа во најдобар ред, одигравме седум контролни натпревари од кои победивме на пет, а два одигравме нерешено. Новите играчи се повеќе и повеќе се наметнуваат, така да сега навистина имаме жестока конкуренција што се однесува до место во првиот тим. Сега на нас останува сето тоа од припремите да го преточиме во првенствените натпревари, таму каде што е најбитно и таму каде што се брои. Така да, се надевам дека веќе од мечот со Работнички, екипата на Силекс ќе има едно ново лице за разлика од минатата сезона, каде што ќе настојува секој натпревар да го добие. За разлика од минатата сезона, екипата ја заменивме со шест до седум фудбалери. Наше мислење е дека тие играчи се квалитетни, меѓутоа доаѓа знаете како презаситување, некои беа долги години тука во Кратово, така што ја освеживме екипата и цел ни е новите играчи добро да ги етаблираме додека постоечките да ги напреднеме“, изјави Васоски.

Прв меч на Силекс во ПМФЛ ќе му биде гостување кај подмладениот Работнички.

„Да беше петто или шесто коло од прилика ќе имавме веќе некој правец и насока, меѓутоа првото коло секогаш после подготовките е неизвесно, бидејќи екипите не се познаваат доволно меѓу себе, едно се пријателски, а друго првествени натпревари. Така да очекувам секако еден тежок натпревар. Работнички е квалитетна екипа, меѓутоа мислам дека минимум со бод ќе се вратиме во Кратово.“, заврши тренерот на кратовци.

Натпреварот меѓу Работнички и Силекс се игра на Арената „Тодор Проески“ во недела од 17:00 часот.