Васоски: Ова е најголем меч во БиХ, сакаме победа во дербито

Денес на програмата е големото босанско дерби меѓу Сараево и Железничар. Екипата која ја води Александар Васоски ќе го дочека лутиот ривал во пресметка за престиж, пред сè бидејќи шансите за пласман во евро-куповите се минимални. 

Во пресрет на овој натпревар, македонскиот стручњак на средбата со медиумите зборуваше за дербито. 

„Ова е најголем натпревар во земјата, последно дерби во сезоната. Мотивирани сме, особено по поразот во минатиот судир. Мислам дека сме подготвени во секој аспект, научивме многу од претходниот пораз. Ќе има доста борба, адреналин, а секоја противничка грешка мора да ја искористиме. Ќе се потрудиме ние да играме сигурно, сакаме во атрактивен натпревар да ги израдуваме фановите. Мора да сме 200% фокусирани. Ги анализиравме и нема што да нè изненади.

Аврамовски нема да игра, се надеваме дека ќе биде спремен за Купот“, кажа Васоски. 

Даниел Аврамовски е повреден и нема да игра во дербито, додека непознато е дали Крсте Велкоски ќе се врати во тимот откако беше санкциониран поради недолично однесување.