Васоски: Не искористивме зицер, европскиот данок за тоа е скап

Кратовски Силекс не успеа да ја мине првата пречка во квалификациите за Конференциската лига и втора година по ред е елиминиран уште во воведното коло.

Победата на првиот натпревар не беше доволна за успех против белорускиот претставник, откако Динамо Минкс возврати со 0-1 во Скопје и потоа беше поуспешен во пенал-рулетот. Во поразот свое видување искажа тренерот на македонскиот тим Александар Васоски.

„Имавме еден исцрпувачки натпревар. Влеговме со страв првите 20 минути, несвесно се повлековме, иако беше кажано да нападнеме од првата минута, да не го браниме тој гол предност рано. Откако примивме гол се разбудивме, немавме можеби многу 100% шанси, меѓутоа Велиновски ја имаше шансата на мечот кога излезе сам пред гол. Знаете дека во Европа ако не искористите барем една шанса, ќе испаднеш. Пеналите се лотарија. Имавме 120 напорни минути, свои моменти, но фудбалот е таков за жал и мора да се помириме со елиминацијата.“, кажа Васоски.

За разлика од Силекс, вицешампионот Шкендија се пласираше во второто коло, каде уште ќе игра и Вардар, по елиминацијата од квалификациите за Лигата на шампионите.