• Саше Љолес

Тренерот на Академија Пандев, Александар Васоски покажа задоволство од исходот во изјавата веднаш по завршувањето на натпреварот од ПМФЛ против Шкупи. „Пандевци“ додадоа уште еден бод на своето конто, откако ремизираа со актуелниот шампион на Македонија (1-1).
Популарниот „тетовче“ рече дека е малку разочаран што примиле гол од прекин и дека цела недела зборувале токму за таа опасност што може да ја приреди Шкупи.
„Цела недела зборуваме дека Шкупи е најопасен од прекин и примивме баш таков гол. По црвениот картон бев малку претпазлив затоа што противникот е доста квалитетен. Трениравме цела недела околу тие центаршутеви на Алварез, знаевме каде ќе падне топката и баш падна таму и примивме гол.
Болно е кога ќе примиш гол од прекин, меѓутоа добро е што потоа се вративме. Околу пеналот, не би сакал да го коментирам, нека си погледнат судиите на снимката. Во вториот дел Шкупи влезе во низок блок, имаше шанса и за 0-2, но не ја искористи и ние изедначивме на 1-1. Секогаш кога играме против екипи како Шкупи, Шкендија, Струга... како да имаме некоја блокада и да не сме зрели да победиме. Меѓутоа, мислам дека сме на добар пат“, ни рече младиот тренер на Академија Пандев.
Во следното коло Академија Пандев патува на тешко гостување кај Струга Трим Љум, додека Шкупи ќе се соочи со екипата на Скопје. Двата натпревари ќе се одиграат на втори април.