Васоски: Имаме респект за Динамо, ама овој тим покажа дека има карактер!

Силекс го започнува европскиот предизвик во новата сезона со гостување кај Динамо Минск во првиот натпревар од првото квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА. Македонскиот освојувач на Купот ќе се обиде да избори активен резултат пред реваншот кој ќе се игра во Скопје.

Во пресрет на натпреварот, тренерот Александар Васоски истакна дека неговиот тим има голема почит кон белорускиот претставник, кој е лидер во домашното првенство и веќе има одиграно 15 официјални натпревари оваа сезона. Сепак, нагласи дека Силекс патува со јасна цел, да се врати со поволен резултат.

„За нас е огромно задоволство што втора година по ред играме во Конференциска лига. Имаме голема почит за Динамо Минск, екипа која во моментов е прво место во белоруската лига и екипа која за разлика од нас има 15 натпревари зад себе. Тука доаѓаме со една единствена цел, да оствариме добар резултат за реваншот во Скопје.

Минатата сезона го освоивме Купот, што значи дека имаме карактер, дисциплина, знаеме да играме на резултат. Ова се натпревари во кои резултатот треба да биде во прв план, ќе настојуваме да го поминеме Динамо Минск.

Што се однесува до играчкиот кадар, имавме сериозни заминувања, поготово во офанзивниот дел, но мислам дека новите играчи одлично се вклопуваат и мислам дека ќе бидат достојна замена за тие што си заминаа, ако не и подобри. Сето тоа треба добро да го вклопиме и веќе на утрешниот натпревар да се покажеме во добро светло“, изјави Васоски.

Средбата меѓу Динамо Минск и Силекс се игра во терминот од 19:00 часот во Стара Загора во Бугарија.