Васоски: Глупаво е да ветуваме чиста победа, во дербито ќе мораме без Тошевски

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар како лидер влегува во дербито со Шкендија, но и покрај тоа, тренерот Александар Васоски е претпазлив и вели дека мора да се внимава на овој дуел.

Двата најсилни тима во Македонија ќе ја спуштат завесата на есенската полусезона. Вардар моментално бега осум бода на врвот, а овој меч може да даде одговор на многу прашања, како ќе се одвива понатаму сезоната.

„Глупаво е однапред да ветуваме чиста победа, затоа што Шкендија не е било која екипа, се работи за квалитетен ривал. Единствено нешто што можам да ветам е дека сите ќе го дадеме последниот атом на сила, за да дојдеме до победа. Така, можам да ветам дека ќе дадеме се од себе за да ги израдуваме навивачите, да им го разубавиме јубилејот и да ја зголемиме бодовната разлика на табелата. На овој натпревар голем хендикеп ќе биде отсуството на Тошевски, кој се повреди на дуелот со Академија Пандев. Но, таков е фудбалот. Ќе се обидеме да го дадеме најдоброто, овој тим од меч во меч расте“, ни изјави Васоски.

Натпреварот меѓу Вардар и Шкендија се игра в недела од 13:00 часот. Последниот меѓусебен меч заврши со победа на тетовчани (1-0), а Александар Васоски како тренер досега го нема победено лутиот ривал.