Васоски: Добро знаеме каков тим е Струга, одиме да се надигруваме!

Тренерот на Академија Пандев, Александар Васоски зборуваше за Gol.mk во пресрет на натпреварот со Струга Трим Љум на гостински терен кој ќе се одигра в недела, на втори април. 

Популарниот „Тетовче“ вели дека атмосферата во тимот е значително подобрена и со нетрпение го очекуваат тешкиот дуел со лидерот на табелата, екипата на Струга Трим Љум. 

„Многу добро знаеме со каков ривал се соочуваме. Струга Трим Љум е исклучително квалитетен тим, но ние оваа полусезона се навикнавме да играме против најсилните. Забележавме добри резултати во последните пет кола и одиме да се надигруваме крај езерото. Нашиот млад и полетен тим ќе се обиде со сите сили да извлече позитивен резултат од овој натпревар, а зошто не и голема победа“, изјави кормиларот на „пандевци“, Александар Васоски. 

Академија Пандев освои осум бодови во последните пет рунди од ПМФЛ, тимот полека се оддалечува од зоната за испаѓање и играње бараж, а прогресот на екипата со неколкуте нови засилувања е евидентен. Струга Трум ЉУм секако дека ќе важи за фаворит на овој дуел, но тренерот на струмичани се надева на добар резултат. 

Пандевци сега имаат 20 бодови и се на деветтото место на прволигашката табела. Струмичани имаат шест бодови предност пред местото кое води во баражот, а со уште неколку добри резултати во следните кола може да се искачи и до првата половина од табелата каде се наоѓа Македонија ЃП со 29 бодови.  Дуелот од ПМФЛ помеѓу Струга ТЛ и Академија Пандев се игра во недела со почеток во 15:00 часот. 

Подетално за сезоната и очекувањата на тренерот на Академија Пандев и поранешен репрезентативец на Македонија, Александар Васоски, ќе прочитате во интервјуто деновиве.