Васоски до фудбалерите: „Вака не се носи дресот на Вардар!“

Александар Васоски, тренерот на Вардар, по последната контрола против Академија Пандев во која „црвено-црните“ во меч со две полувремиња по 60 минути загубија со 1-6, истакна дека е незадоволен од играта на тимот и на фудбалерите им порача дека мора да го променат пристапот.

„Загубивме убедливо во два натпревари по 60 минути, во кои одигравме со различни состави. Нормално дека не сум задоволен од мојата екипа ниту во првите, ниту во вторите 60 минути. Одигравме многу лошо, одигравме без залагање, без идеја. Вака не се носи дресот на Вардар. Ова ни беше последен натпревар пред почетокот на првенството, и јас се надевам и искрено посакувам овој меч да ни послужи како еден вид лекција, и се надевам дека нема да ги повторуваме истите грешки во првенствените натпревари“, изјави Васоски.

За Вардар ова беше последна проверка пред стартот на лигата и првиот пролетен натпревар против првакот Шкендија во Тетово. Вицепрвакот брка заостанување од пет бода на табелата, во однос на лидерот Шкендија.