Васоски: Да ја оправдаме фаворитската улога и на терен

После серијата на две победи по ред, Силекс денес цели трет триумф во низа во денешниот дуел против Башкими.

Од таборот на кратовскиот тим посакуваат уште една победа во првенството, и најавуваат дека до крај на првенството ќе се борат за третото место на табелата, и покрај тоа што разликата со Струга ТЛ во моментов изнесува 10 бодови.

Силекс го цени противникот, и ветува дека ќе даде максимум за да стигне до триумф во денешниот меч.

„Во добра серија на победи сме, но сега треба да продолжиме во ист стил. Фаворитската улога на хартија треба да ја оправдаме и на терен. Сметам дека сите работи ќе зависат од нас на овој меч, односно дали ќе бидеме ние вистинските. Ако бидеме на нашето ниво, тогаш не би требало да имаме проблеми. Ќе ја играме нашата игра и верувам дека можеме да дојдеме до трите бода“, изјави Александар Васоски, шефот на стручниот штаб на кратовчани.

Дуелот меѓу Силекс и Башкими ќе го суди Александар Урошевиќ.