Васоски: Да го одбраниме првото место, не криеме дека ја сакаме титулата!

Тренерот на Силекс, Александар Васоски, зборуваше за подготовките на неговиот тим во Анталија и очекувањата за проледниот дел од сезоната, каде кратовчани влегуваат како актуелни лидери во ПМФЛ

Силекс ги изненади сите со одличните игри во првата етапа, а младиот стратег потврдува дека идејата е иста и за остатокот од сезоната, во кој треба да помогнат и новите засилувања. 

„Минавме одлични подготовки во Анталија, со прекрасни услови за работа. Одигравме квалитетни пријателски мечеви и можеби не постигнавме успешни резултати, но трениравме доста добро и ставивме голем акцент на физичката подготовка. 

Новите засилувања полека го покажуваат својот прионес. Дарко Мицевски го познавам добро, работевме заедно и во Вардар, а Хрвановиќ е играч кој настапуваше во групите од Конференциската лига со Зрињски и очекувам да ја збогати ротацијата со добри настапи. 

Бевме есенски шампиони и навистина сум задоволен од постигнатото. Сега ќе се обидеме да го одбраниме првото место, иако знаеме дека тоа ќе биде ѓаволски тешко. Ќе се бориме со квалитетни ривали, но ако можевме да сме први по 18 мечеви, не гледам зошто не би биле и после следните петнаесет. Не криеме дека ја посакуваме шампионската титула. 

Прв предизвик ќе ни биде мечот со Тиквеш, минатогодишен освојувач на Купот. Очекувам голема борба, секогаш првите натпревари се прилично тешки. Се надевам дека ќе ја отвориме полусезоната со победа и нови три бода“, заклучи Васоски. 

Силекс го заврши првиот дел од сезоната со 37 бода, исто колку што имаат Шкендија и Работнички. Мечот против Тиквеш кратовчани ќе го одиграат на 16 февруари во 14:00 часот.