Васоски: Бразил ме изненади негативно, Турција мора подобро или оди дома!

Светското првенство (СП) во фудбал е глобален настан кој се прати со големо внимание. Групната фаза скоро и да го мина првото коло, а анализа за одиграното за Gol.mk направи нашата фудбалска легенда, моментален тренер на Силекс и Куп-освојувач и човек кој остави голема трага во Бундеслигата, Александар Васоски.

Анализата ја започнавме со Групата А, во која Мексико отвори според планот против Јужна Африка, а потоа Јужна Кореја ја победи селекцијата на Чешка, иако се очекуваше повеќе од европскиот претставник. 

„Мислам дека генерално нема некое изненадување во оваа група, Мексико беше фаворит против Јужна Африка, а Јужна Кореја гледајќи го начинот на игра и индивидуалниот квалитет не е изненадување што ја победи Чешка. Тие две селекции ќе се борат за прво и второ место. Чешка треба да победи со Јужна Африка и да проба како третопалсирана да оди понатаму. Но, сепак и за тоа трето место треба да имаш бодови, три не ти се сигурни, можеби и четири ќе треба. Мексико и Кореја се заслужено горе. Чешка има тежок дуел со Мексико, ако земе бодови ќе има добра позиција“, изјави Васоски.

Потоа, тој продолжи со Групата Б, каде на двата меча немаше победник и завршија со идентичен резултат 1-1.

„Канада - БиХ се очекуваше да биде реми затоа што Босна рано даде гол. Канада имаше шанси откако Босанците промашија зицер за двојна предност, па мечот на крајот заслужено остана 1-1. Тоа беше и некоја моја претпоставка. Ме изненади бодот на Катар со Швајцарија, која на овој дуел беше апсолутен фаворит. Катар имаше среќа, но одигра реми и се искомплицира работите тука. На Швајцарија и следуваат два тешки меча со БиХ и Канада, така што ништо не се знае, се е отворено. Мислам дека Канада и Швајцарија на крајот ќе одат понатаму, а БиХ ќе биде трета затоа што ќе го победи Катар“, додаде тој.

Во Групата Ц го имавме најдинамичниот дуел во првата рунда, каде Бразил и Мароко одиграа реми. Африканската репрезентација имаше феноменален прв дел во кој ги надигра Кариоките, кои подоцна со голот на Винициус се изборија за реми.

„Бразил - Мароко ми беше најинтересен дуел со многу шанси и морам да признаам дека Мароко ме изненади, Бразил како уште да не го фатил ритамот за Светско првенство. Можеби ќе се разбудат второ и треето коло. Среќа им е што играат со Хаити. Многу повеќе се очекуваше од нив. Но, ако се согледа квалитетот Мароко не е изненадување, на последното СП стигнаа далеку, имаат играчи од светска класа. Мароко објективно е фаворит во групата според она што го покажа посебно прво полувреме со Бразил кој ме изненади негативно, првпат имаат трофеен тренер, кој е меѓу најдобрите во светот, но првиот меч секогаш е тежок, се надевам дека во иднина ќе бидат подобри и дкеа ќе играат важна улога“, истакна Васоски.

Во групата Д, Турција беше надмоќна со преку 30 шутеви со Австралија, но доживеа пораз. Многу се близу Турците да испаднат, тоа ќе биде така ако не го победат Парагвај. На Мундијалот тие влегоа со звучен состав и големи очекувања, ама првото коло не ветува многу.

„Фудбалот затоа е таков каков што е, не победува секогаш екипата со статистика, туку со пофлексибилна игра. Покажаа Австралијаците зрелост во играта. Изненаден сум од овој натпревар, затоа што очекував Турција да одигра минимум реми. Турција ќе мора да го победат Парагвај, па САД, кој одигра одлично во првото коло. Домаќин на првенство секогаш е тешко да се победи, Турција сама си искомплицира работа. Парагвај исто не е наивен ривал иако одигра под очекувањата.“, вели тренерот на Силекс.

Во групите Е и Ф, Брегот на Слоновата Коска и Германија остварија победи, а исто така Шведска ја надигра селекцијата на Тунис. Холандија и Јапонија го одиграа најдинамичниот меч со четири гола и конечни 2-2.

„Еквадор и Брегот на Слоновата коска беше тесен дуел, имаше доита шанси, пречки, еден гол ја направи разликата. Беше израмнето. Еквадор индивидуално е силен како и БСК. Германија очекувано убедливо победи со Курасао, така и очекував да биде затоа што играа со дебитант. Ако се покажат со Германија, играчите на БСК, ќе имаат шанси за пласман понатаму, иако Германците имаат силен тим. Шведска, пак, лично ме изненади, штета што не успеав да го следам мечот затоа што беше рано наутро, а Холандија и Јапонија очекував тежок дуел. Видовме ефикасен меч, нерешеното беше најреален исход“, заврши Васоски.

Македонската фудбалска легенда и во следните денови повторно ќе направи своја анализа за Gol.mk и ќе ги сподели импресиите за Светското првенство кое за првпат се игра со 48 репрезентации и нуди најмногу натпревари во историјата.