Васоски: Куња е одличен избор на Анчелоти, а Роналдо добро да размисли што прави!

Светското првенство (СП) во САД, Канада и Мексико е скоро на половина од второто коло во групната фаза, а ние продолжуваме со нашите колумни и предвидувања на македонските фудбалски легенди. 

Gol.mk повторно поразговара со нашиот колумнист, стратегот на Силекс, Александар Васоски, со кого ги прокоментиравме натпреварите на големите фаворити кои ги одиграа своите мечеви во текот на минатите денови - Португалија, Бразил и Германија. 

„Што се однесува до Бразил, мислам дека лесно ја оправда фаворитската улога против Хаити. Знам дека ривалот не е многу силен, но сето тоа мора да се потврди на терен. Ми се чини дека Матеус Куња е одличен избор за нападот на Бразилците, Анчелоти не погреши со изборот. Противникот воопшто не беше потценет, што резултираше со три гола уште во првиот дел. Ќе видиме како ќе изгледа Бразил во продолжението на шампионатот“, рече Васоски. 

На ред дојде Португалија, која направи кикс на мечот против Конго ДР и одигра со нерешен резултат (1-1). 

„Поругалија малку ме изненади непријатно. На хартија имаат одличен и силен состав, но се чини дека нешто недостасува. Не сакам да бидам погрешно сфатен, но не знам дали е правилна одлуката Роналдо да игра во првиот тим. На 41 година, да се носите со пеколното мундијалско темпо, не е мала работа. Сите знаеме за каков квалитет се работи, но Роналдо можеби не е идеалниот избор за нападот. Треба да сфати дека ова не се пријателски мечеви и дека репрезентацијата е најважна, а не индивидуалните успеси. Последната одлука останува на селекторот, ќе видиме што ќе смисли за следниот натпревар“, дециден е тренерот на Силекс. 

Потоа го прашавме и за Германија, која повторно покажа дека е меѓу главните кандидати за највисок пласман, а до победата стигна со пресврт над Брегот На Слоновата Коска (2-1). 

„Германија успеа да победи, но не ѝ беше воопшто лесно. Африканците имаат силен тим и тоа го покажаа на теренот. Германците на моменти се бранеа и во два наврата спасуваа негатива од 2-0. Ако БСК погодеше вторпат, тогаш веројатно ќе победеше. Според мене, клучниот тајминг беше околу 60. минута, кога селекторите ги извршија првите замени. Нагелсман ги погоди резервите, Ундав се покажа како вистински избор. Тука на виделина изглегува подолгата и поквалитетна клупа на „панцерите“, кои на крајот победија заслужено“, заклучи популарниот „Тетовче“. 

Македонската фудбалска легенда и во следните денови повторно ќе направи своја анализа за Gol.mk и ќе ги сподели импресиите за Светското првенство кое за првпат се игра со 48 репрезентации и нуди најмногу натпревари во историјата.