Васоски: Аврамовски ќе биде во конкуренција за сараевското дерби

Екипата на Сараево, под водство на нашиот стратег Александар Васоски, запиша две победи на стартот од пролетниот дел од сезоната во босанскиот фудбал. „Бордо“ тимот го победи Леотар со 2-0 во Премиер лигата, а потоа со истиот резултат славеше над Слобода во првиот натпревар од четвртфиналето на Купот на БиХ.

Сега, пред Васоски и Сараево е голем предизвик во домашниот шампионaт и дуел со градскиот ривал Жељезничар. Македонскиот тренер вели дека во градското дерби нема фаворити и вети дека момците ќе го дадат максимумот за да извојуваат победа. 

„Знаеме што значи тој натпревар. Нема фаворити. Можам да им ветам на навивачите дека момците ќе дадат сè од себе. Во средата свесно го освеживме тимот, а за овој дуел на располагање ќе го имам Аврамовски.

Ги гледав последните неколку дербија. Мора да бидеме фокусирани на фудбалот и да бидеме на ниво до деведесет минута. Дали тоа ќе биде доволно за победа, не знам“, рече Васоски.

За Васоски, но и за Аврамовски, ова ќе биде прво „вечно дерби“ на босанскиот фудбал. Натпреварот се игра в сабота на „Грбавица“ со почеток од 17:00 часот.