Васоски: Ако ситуацијата не се среди до декември, Вардар ќе доживее црно сценарио!

Екипата на Вардар влезе во негативна серија и моментално се наоѓа на деветтата позиција на табелата во ПМФЛ со 12 бодови во десет кола. 

Јасно е дека е потребно трпение, а такво нешто побара предводникот на тимот Александар Васоски. Менаџерот на „црвено-црните“ напиша објава на својот Фејсбук профил, во која побара трпение и време за воигрување на екипата. Освен тоа, тој го сврте вниманието и кон состојбата во клубот, која не е сјајна. 

„Почитувани симпатизери на Вардар, се чувствувам должен да ви се обратам поради најновите резултати на Вардар, како и периодот што следи по декември. Што се однесува до резултатите во последните неколку кола кои не се на нивото на Вардар, лошата среќа, но и созревањето на екипата си го зеде данокот. Ние на сите мечеви вклучувајќи го и високиот пораз од Шкендија не бевме во подредена улога. Напротив, во сите параметри, освен за жал со голови бевме подобри од противниците. Физичката спремност во моментов е задоволителна, ама ни фалат пријателски натпревари да ги коригираме грешките. Имаме комплетно нова екипа која за жал ја воигруваме од коло во коло и се надеваме дека среќата ќе се врати и ќе играме подобро. 

Што се однесува до состојбата во клубот, доколку не се среди ситуацијата по декември, Вардар ќе го доживее најцрното сценарио во целото свое постоење“, напиша Васоски.

Вардар испушти два гола позитива викендов во дуелот со Ренова и одигра само реми (3-3), а претходно беше елиминиран и од Купот на Македонија од Академија Пандев (1-0) и доживеа дебакл од ривалот Шкендија (1-5).