• Мартин Танасковски

Естонија е веќе во Скопје, се подготвува за дуелот против Македонија во Лигата на нациите, а очекувањата за средбата на Арената „Тодор Проески“ ги кажа и капитенот Константин Василев.
36-годишниот играч со 123 настапи зад себе во репрезентативниот дрес вели дека ова ќе биде важен дуел за двата тима - Естонија да избегне испаѓање во Лига Д, а Македонија се бори за лидерско место и пласман во Лига Б.
„Очекуваме еден тежок натпревар. Овој меч е важен и за двата тима, имаме свои цели и мора да размислуваме позитивно. Секој од нас е подготвен да даде 100% од можностите. Секако, Македонија е домаќин, така ја носи улогата на фаворит, но ние ќе ја бараме својата шанса и да искористиме ако ни се дозволи да дојдеме до добар резултат“, изјави Василев.
Натпреварот меѓу Македонија и Естонија се игра в недела од 15:00 часот. Првиот меѓусебен дуел во Талин во ова издание на Лигата на нациите заврши со шест гола, ама без победник (3-3).