• Мартин Танасковски

Екипите на Работнички и Брегалница одиграа регуларни 90 минути без победник во Купот на Македонија (1-1), а патникот во следната фаза го дадоа пеналите. Подобри изведувачи од белата точка беа „романтичарите“ кои славеа со 5-4 благодарение на добрата реакција на голманот Васко Василев.
Голот за „романтичарите“ дојде од белата точка во 13 минута од средбата. Откако Коцев го фаулира Далеј, сигурен од 11 метри беше Џелил Асани. Израмнувањето за Брегалница стигна на стартот на вториот дел. Штипјани изведоа слободен удар, домашните го подзаборавија Еди Мандак, кому топката му падна во петерецот, па реализира за 1-1 во 49 минута.
Иако имаше уште доста време, трет гол немаше. Така, мечот според правилникот на ФФМ го одлучија пеналите. На отворањето на серијата, голманот Купанов го прочита шутот на Асани, а Алексовски донесе предност за штипјани. За Работнички потоа погоди Имери, а Василев му го фати обидот на Силјановски за враќање на Работнички во пенал-серијата.
Кариљо потоа се покажа како сигурен изведувач за Работнички, погоди и Алексовски за Брегалница, а во продолжението голови дадоа и Велкоски и Серафимовски, за 4-4. Во следната серија за Работнички погоди Демири, а голманот Василев му го фати шутот на капитенот на Брегалница, Стефан Коцев, па го испрати својот тим во четвртфиналето.







