Вардарецот Мато и Уганда заради два пенали останаа без Мундијалот

Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе почека на претставник на Светското првенство (СП) во 2026 година, затоа што Уганда во чии редови игра вардарецот Роџерс Мато не успеа да се квалификува на собирот.

Во последното коло, Уганда играше со веќе пласираниот Алжир. Беше на прагот на победа, но два доцни пенали направија Алжир да победи со 2-1 и така да ја исфрли Уганда од игра за една од најдобропласираните второпласирани селекции во квалификациите.

Роџерс Мато тргна од првата минута, а играше до 97-та минута кога беше заменет. За Уганда погоди Муквала уште во 6. минута, а Алжир запиша пресврт со двата гола на Мохамед Амура од Волфсбург од белата точка.

Мато сега се враќа во Македонија, каде ќе му се стави на располагање на неговиот клуб Вардар на подготовките за дербито со Шкендија.