Вардарци недолично славеа титула: Се огласи и Министерството за спорт! (ВИДЕО)

Вардар со победата над Струга (0-1) во претпоследното 33. коло го обезбеди трофејот во овогодинешната сезона во ПМФЛ. По средбата имаа клупски ручек за прослава, но на него освен вардаровите песни, имаше и навредливи кон ривалска Битола.

  • Видеото кое се прошири на социјалните мрежи:

Поради ова, очекувано имаше доста негативни коментари и осуда на контото на најтрофејниот македонски клуб. Навивачите на Пелистер и битолчани беа најгласни, ама реакции имаше и од целокупната јавност.

Ден по случувањата со соопштение се огласија и од Министерството за спорт, поточно лично министерот Борко Ристовски. Оттаму јасно и децидно го осудија недоличното однесување на фудбалерите на Вардар, дел од нив сениорски и У21 репрезентативци на Македонија.

„Во однос на синоќешните видеоснимки кои се појавија од прославата на ФК Вардар, како Министерство, но и од мое лично име како министер за спорт, сакаме да ја известиме македонската јавност дека недвосмислено го осудуваме ваквиот тип прослави, кои вклучуваат навреди по која било основа, особено доколку во нив се вклучени спортски работници, играчи, селектори и лица од јавниот живот.

Слични случувања имаше и минатата недела во Кавадарци, со политички конотации и навреди кон спортски институции, меѓу кои и ФФМ, а истото сега повторно се повторува.

Министерството за спорт најостро ги осудува ваквите провокации и јавно бара чинителите да и се извинат на македонската јавност. Воедно апелираме вакви случувања во иднина да не се повторуваат, затоа што Министерството за спорт ќе изнајде начин секој ваков настан соодветно да биде санкциониран.

Ги разбираме ривалствата меѓу екипите, но не треба да се заборави дека спортот се игра за публиката и дека сите чинители имаат одговорност кон јавноста и општеството“, стои во обраќањето на Ристовски преку соопштението на Министерството за спорт.

Осуда пристигна и од страна на првиот човек на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски. 

„Како градоначалник на Битола и во име на Општина Битола, силно го осудувам навредливото скандирање од страна на претставници на ФК Вардар на објавеното видео на социјалните мрежи од нивната прославува на шампионската титула.

Прославата на победата или било кој дел од еден спортски настан секогаш мора да се одвива достоинствено без навреди и вулгарности кон било која личност.

Исто така очекувам дека раководството на клубот ќе се огласи и извини за ваквото непримерно однесување“, напиша Коњановски.

Осуда пристигна и од големиот ривал на вардарци, битолски Пелистер.

„Најостро ги осудуваме навредливите и понижувачки пораки упатени кон жените од Битола за време на прославата на титулата на ФК Вардар, како и во т.н. извинување на нивниот прв човек. Фудбалот треба да обединува, да слави спортски дух и успех, а не да биде простор за ширење омраза, сексизам и навреди. Ниту една прослава не смее да биде оправдување за деградирање на жените, навредување или ширење примитивизам. Ваквото однесување не е навивачка страст, туку срам за спортот и за општеството. Почитта мора да биде над ривалството. Да навиваме со срце, но и со достоинство“.

Ривалството го краси спортот, меѓутоа сето тоа треба да биде во границите на нормалата.