• Мартин Танасковски

Клупскиот фудбал оди на пауза додека траат репрезентациите. Екипите ќе ја темпираат формата за продолжението од сезоната, а еден интересен податок го сместува Вардар меѓу екипите кои се раритет во Европа – без пораз во шампионатите.
Црвено-црните на Гоце Седлоски се лидери на табелата во најдобриот македонски шампионат и по тринаесет одиграни кола имаат десет победи и три ремија. Конкуренти за првото место во ПМФЛ им се Шкендија и Струга.
Вардар е еден од тринаесетте тима кои немаат пораз од најдобрите шампионати од цела Европа. Покрај непоразен тим од Македонија, има тимови без неуспех и од Германија, Португалија, Турција, Чешка, Шкотска, Ерменија, Луксембург, Гибралтар и Сан Марино.
На листата на непоразени се уште Баерн Минхен (9 победи, 1 реми), Порто (10 победи, 1 реми), Бенфика (7 победи, 4 ремија), Фенербахче (8 победи, 4 ремија), Славија Прага (9 победи, 6 ремија), Хартс (9 победи, 3 ремија), Арарат (8 победи, 4 ремија), Диферданж (10 победи, 1 реми), Линколн Ред Импс (7 победи), а најмногу тимови без пораз доаѓаат од Сан Марино, тоа се Виртус (8 победи, 1 реми), Тре Фиори (8 победи, 1 реми) и Ла Фиорита (5 победи).
Инаку, интересен податок е и што Вардар последен пат во лигата загуби пред девет месеци. Тоа беше на 16 февруари, кога како домаќини црвено-црните беа поразени од Шкендија со резултат 1-2.


