ВИДЕО: Вардар стана второлигаш, Струга во пол-позиција за Европа!

Струга Трим Љум го доби дуелот со Вардар (1-0) во 32. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Овој резултат за миинатогодишниот шампион значи дека наредната сезона ќе игра во ранг подолу, односно првпат во историјата нема да биде дел од елитата.

  • Погодок на Алтипармаковски за 1-0:

Мечот започна со шанса на Марјан Алтипармаковски кој промаши од изгледна позиција, по една грешка на вардаровата одбрана. Тоа беше прва закана на натпреварот и најава за отворена игра на двете страни. Условите за игра беа фантастични, а во поголемиот дел од играта домашните фудбалери ја имаа топката во своите нозе.

Нова прилика промаши Јасмин Мециновиќ кој за малку закасни на еден центаршут и ја промаши рамката од голот. Следуваше мирен период во кој надигрувањето беше на средината од теренот. Алтипармаковски имаше уште еден јалов обид од далечина, со кој се стави точка на првите 45 минути.

Стружани продолжија со отворена игра и во продолжението. Тие притискаа, но тешко го пробиваа дефанзивниот бедем на „црвено-црните“. Прва шанса за отворање на резултатот имаше Скендери, но неговиот силен удар беше сопрен од Илиќ, кој со мали проблеми ја собра топката од гол-линијата.

Вардар ретко беше опасен пред голот на Мирселоски. Прекините беа убава шанса за закана, а најдобара ја имаше Блажевски, кој сепак биеше по земја само во рацете на домашниот голман. Момент на одлука беше една невнимателна реакција на гостинската одбрана, по која Алтипармаковски го постигна победничкиот погодок. 

Струга го искористи киксот на Македонија ЃП и скокна на третата позиција. Во последното коло против Силекс ќе го потврдува местото во Европа наредната сезона.