ВИДЕО: Вардар слави во градското дерби и се одлепи на врвот!

Лидерот на табелата во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), екипата на Вардар, им се врати на победите по ремито во вечното дерби, со триумф во градската пресметка со Работнички (1-0) во дуел во рамки на 27. коло од ПМФЛ. Црвено-црните имаа контрола на мечот, имаа и доста шанси, па триумфот над Работнички е заслужен. Со овој триумф, најтрофејниот ѝ избега на Шкендија и го чека нејзиниот меч, додека Работнички го дожвиеа вториот пораз во низа и го чека битка за опстанок во следните кола кога игра со директните конкуренти.

  • Извештај од натпреварот:

Скопското дерби тргна со тотална иницијатива на Вардар. Уште во 2. минута Азер Омерагиќ биеше со глава по еден центаршут на Закариќ од корнер, но пречката беше сојузник на дебармаалци, за потоа во следната акција шанса да има и Цветковиќ, но без реализација. Десет минути подоцна, во 12. минута, Омерагиќ од чиста позиција повторно беше спречен да постигне гол од голманот Ондоа, повторно со глава по центаршут на Јанкулов, а целата иницијатива донесе гол за вардарци во 23. минута кога српскиот интернационалец Стефан Цветковиќ со помош на стативата погоди од слободен удар.

До крајот на првото полувреме, темпото на игра падна, не беше како претходно, а Вардар ја задржа предноста. Само што почна вториот дел, Ондоа пак го спречи Омерагиќ да постигне гол, а сето тоа можеше да биде казнето во 52. минута преку Мерџани кој не ја искористи најдобрата прилика за Работнички. Во следните минути, Вардар пак ја презеде играта. Закариќ и Данев имаа шанси за гол, но не успеаја. Работнички и покрај ротациите во играта беше инфериорен, не влегуваше во конкретна прилика за гол, па Вардар ја задржа посакуваната домашна победа. Пред финишот шанса да ја удвои победата имаше и Аргентинецот Иан Пулејо кој влезе од клупата за резерви, но не успеа да погоди.

Во следното коло кое се игра следниот викенд, Вардар ќе се соочи со Шкупи како гостин, додека Работнички игра домашен дуел со Арсими.