ВИДЕО: Вардар се врати од дното со КуПС, но го заврши настапот во ЛШ!

Македонскиот фудбалски првак Вардар одигра одличен натпревар против КуПС во Финска, во кој се избори за продолженија со победа од 0-2 во регуларниот дел, ама во екстра-времето триумфот остана минимален (2-3) и така финскиот првак оди во следната рунда на Лигата на шампионите. Екипата од Куопио заради победата од 2-0 во Скопје и вкупниот резултат 4-3 останува во елитното друштво и во второто коло ќе игра со Сабах од Азербејџан или ТНС од Велс, додека Вардар го чека двомеч во Конференциската лига со Рига од Летонија или Арарат од Ерменија.

  • Извештај од натпреварот:

Тренерот Фабиани направи принудни измени во стартниот тим, ги немаше Босанчиќ заради суспензија и Торес заради повреда, а тоа донесе и измена во формацијата. Со поофанзивен пристап, со Герсон Родригеш и Мигел Пиреш во нападот, како и Георгие Јанкулов и Михаил Маневски на страничните позиции, се тргна во формација 3-4-2-1. Уште од почетокот Вардар можеше да го изненади домаќинот, затоа што Бобан Николов имаше прекрасна шанса, но неговиот шут заврши крај дирекот од голот на голманот Крејдл.

Во продолжението од мечот домаќинот не притискаше по секоја цена и му ја предаде топката на Вардар. Имаше македонскиот првак контрола, но без некои сериозни шанси да постигне погодок, иако постоеше притисок пред голот на Финците. Домаќинот можеше да поведе по една дефанзивна грешка на Велковски, но Боб Армах го префрли голот на Талески од непосредна близина. До паузата немаше голови, а прв во вториот дел се закани КуПС, преку Пенанен, чиј шут заврши крај дирекот. Веднаш потоа, Вардар пак почна да притиска, а иницијативата донесе гол во 59. минута кога Бобан Николов центрира до Азер Омерагиќ, тој ја зафати топката и таа со помош на Саку Саивонен кој си даде автогол, заврши во мрежата на финскиот првак (0-1).

Веднаш по дадениот гол, Фабиани тргна уште поофанзивно, во игра ги внесе Спахиу и Пулеио, кои донесоа свежина. Сепак, КуПС беше поконкретен во следните моменти, се закани двапати, но одбраната на Вардар си ја заврши задачата. До финишот на мечот, Вардар имаше прилики, а во самиот финиш по еден контакт во шеснаесетникот на Магаса со Родригеш, по протести на македонскиот тим, шкотскиот судија Мекдермид гледаше ВАР, покажа на белата точка и Горан Закариќ зголеми на 0-2, резултат кој го одведе дуелот во продолженија.

А, во екстра-времето следеше шоу. Прв удар зададе КуПС, кој во 100. минута со голот на Армах намали на 1-2, па следеше одговор на нововлезениот Пулејо кој само две минути подоцна реализира по асистенција на Закариќ за 1-3. Пред крајот на првото продолжение, Пулејо направи пенал, кој во гол го претвори Паржишек, кој намали на 2-3 и пак го стави финскиот првак во пол-позиција за следна рунда. Во следните петнаесетина минути Вардар се обиде да постигне нов гол, ама не успеа, па ќе го продолжи европското лето во Конференциската лига на УЕФА.

ФОТО: Johanna Pelttari