• Иван Димовски

Фудбалерите на Вардар ја забележаа десеттата победа во ПМФЛ, откако дома триумфираа против Тиквеш со 3-1 (1-1). Натпреварот од 13. рунда во шампионатот понуди одличен ритам и доста шанси. Тиквеш беше конкурентен и парираше во првиот дел, а потоа во вториот беше надигран и притиснат од фаворитот.
- Головите од натпреварот:
Првата закана за домашната екипа ја имаше Немања Босанчиќ, а одбрани голманот Христијан Стевковски. Следуваше обид со глава на Азер Омерагиќ крај голот, како и уште неколку полушанси, но ништо посериозно. Тиквеш се реши за цврста дефанзива и не излетуваше, па се обидуваше само преку контри или прекини. Резултатот беше отворен во 19. Минута од средбата, а стрелец беше Ворен Чимбембе. Засилувањето на Вардар кое првпат стартува во новиот клуб налета на една одбиена топка и со одмерен удар го матира голманот Стевковски за 1-0.
Се обиде Тиквеш да се крене, заигра нешто посигурно и имаше добри моменти. Една опасна ситуација имаше Стојанов кој украде топка во својата половина и тргна во долг спринт, одлично го истрча и во моментот кога требаше да шутне немаше сили за такво нешто. Во финишот на полувремето по еден удар на Кристијан Стојкоски, а со рака играше Филип Најдовски. По преглед на ВАР-снимката судијата досуди пенал, одговорноста ја презеде Иван Ивановски и го матира Давор Талески за 1-1 во 45. минута.
Во второто полувреме вардарци се обидуваа да се наметнат, но и Тиквеш беше конкурентен. Првата посериозна закана ја имаа токму гостите преку Стојанов, кој откосо го натера голманот Талески да интервенира. Гоце Седлоски се реши за тројна замена, па во игра влегоа Бабунски, Спахиу и Тодоровски. Токму Спахиу имаше колосална шанса, откако доби перфектна топка низ одбраната, ама од зицер позиција не го погоди голот против поранешниот клуб. Следуваше притисок на вардарци и нови две големи шанси. Давид Бабунски одлично изведе слободен удар од 16-17 метри, Стевковски одбрани, а на одбиената топка налета Данев, но и неговиот удар го скроти противничкиот голман. Уште еднаш вардарци имаа колосална шанса, својата супериорност крај аут-линијата ја покажа Мато кој го претрча својот чувар и испрати топка во шеснаесетникот, на неа налета Михаил Талевски, ама биеше над голот од многу добра позиција.
Конечно отпорот на гостите беше скршен во 81. минута од средбата, а стрелец на голот беше Едиз Спахиу. По еден центаршут на Маневски дефанзивата на Тиквеш како да подзаспа, па Спахиу ја смири топката и одблизу погоди за 2-1 на Вардар. Од почит кон својот поранешен клуб тој не го прослави бурно погодокот. Набргу потоа падна и трет гол во мрежата на кавадарчани, откако Роџерс Мато реализира со убав удар. Овој гол долго се проверуваше во ВАР собата, бидејќи имаше проверка за евентуална игра со рака од Омерагиќ, ама судијата Доне Ристовски по преглед на ситуацијата го потврди голот.



