ВИДЕО: Вардар промаши пенал во 96. минута, големи три бода за Струга!

Актуелниот фудбалски првак во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), екипата на Вардар, врза два порази во низа. По поразот од Шкендија во претходната рунда по кој тимот остана без тренер затоа што отказ доби Кристијан Фабијани, црвено-црните не успеаја да дојдат до бодови на гостувањето кај Струга ТЛ (0-1). Мечот го реши еден гол кој падна во второто полувреме, а Вардар може да жали затоа што не извади барем реми затоа што имаше шанси за такво нешто и промаши пенал во самиот финиш.

  • Извештај од натпреварот:

Дуелот почна со контрола на играта на Вардар и добра шанса за гол, но Папе Фал од самата гол-линија расчисти и ја сочува мрежата на Струга. Во продолжението од мечот, Марјан Радески постигна гол кој беше поништен заради офсајд, а потоа истиот играч имаше зицер откосо, кој Давор Талески му го одбрани.

За Вардар во првиот дел, Дарко Велковски имаше можност со глава, а исто така се закани и Кастањеда, но шутот профуче над пречката. Во вториот дел се чекаше подолго на сериозни шанси, а првата таква ни донесе гол. Во 60. минута, капитенот Шабани го проигра Малески, кој прими топка по десната страна и шутираше силно над главата на Талески, за 1-0 за домашните. Шутот за гол не успеа да го блокира ниту Матиќ кој беше блиску.

Матија Мирков потоа направи измени, влегоа нови офанзивни играчи во играта, но нападот не креираше многу. Се до 75. минута, Вардар беше мирен, тогаш Матиќ биеше со глава и голманот Јовчевски го одбрани својот гол. Исто така шанса имаше и нововлезениот Спахиу, кој не успеа да погоди. Исто така можност имаше и Михаил Маневски во 80-тата минута, а гостите бараа и пенал во 85. минута, но со проверка на ВАР, не го добија. До финишот, Вардар имаше голем притисок пред голот на Струга, имаше повеќе од девет корнери, но пак фалеше реализација барем за бод. Два обиди во финишот имаше Азер Омерагиќ за гол, но не успеа. Во самиот финиш Вардар доби пенал откако Диако играше со рака по шут на Маневски, ама Давид Бабунски го промаши цел гол.

Прва фудбалска лига 2026/27
Трето коло:

Струга ТЛ - Вардар 1-0 (0-0)
Градски стадион во Струга, гледачи 1.000
Главен судија: Доне Ристовски
Асистенти: Драган Трпчевски и Душко Панов
Стрелец: Малески во 60. минута
Жолти картони: Шабани, Бојку, Агамах, Зенделовски (Струга ТЛ), Најдовски, Јанкулов, Бабунски, Спахиу (Вардар)
Црвени картони: нема

Струга Трим Лум: 
Јовчевски, Рочи (од 46м. Зенделовски), Воша (од 46м. Хамза), Бојку, Шабани (од 80м. Нухија), Радески (од 62м. Амагах), Фал, Чендрим, Малески, Белица, Диако
Тренер: Бледи Шкемби

Вардар: 
Талески, Матиќ, Најдовски (од 68м. Спахиу), Бабунски, Николов (од 59м. Маневски), Омерагиќ, Закариќ (од 73м. Пулејо), Велковски, Јанкулов, Цветковски (од 59м. Данев), Кастенада (од 46м. Тодоровски)
Тренер: Матија Мирков

Играч на натпреварот: Буњамин Шабани (Струга ТЛ)

Струга во следното прволигашко коло ја очекува дерби со Шкендија, додека Вардар на домашен терен игра против Силекс.