Вардар ќе игра ден порано од сите, „Комити“ најавија бојкот на мечот

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ќе игра ден порано од сите второлигаши, а тоа предизвика револт кај навивачите на клубот „Комити“ кои најавија дека нема да присуствуваат на дуелот.

Имено, Вардар игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, а на истиот терен ќе игра и Работнички како домаќин против Шкупи во недела. За да има простор меѓу двете средби, вардарци против Кожуф ќе мора да играат во петок, додека сите останати средби се во сабота.

„Поради промена на регуларниот термин на одигрување на првенствените натпревари, одлучивме да не присуствуваме на последното коло, кое според изменетиот распоред треба да се одигра во петок (9.12.2022) со почеток од 13:00 ч.

Нека видат како е пред празни трибини, тие што ставаат глупави термини!“, велат од „Комити“ за одлуката да се помести мечот.

Вардар и Кожуф ќе играат во петок од 13:00 часот и со овој натпревар ќе се отвори последното есенско коло во ВМФЛ.