ВИДЕО: Вардар по пенали го „освои“ Прилеп, за осминафинале во Купот!

Фудбалерите на Вардар се пласираа во осминафиналето во Купот на Македонија, откако победија на стадионот „Гоце Делчев“ против Победа по изведување на пенали со 5-4, бидејќи дуелот заврши со нерешени 1-1 (0-0). Во прекрасна атмосфера, со одлично пополнети трибини во Прилеп, пред песните на „Мајмуни“ и „Комити“ се играше атрактивна средба. Блажевски погоди за предност на стартот на продолжението, а Победа израмни во 94. минута, па мораа да се изведуваат казнени удари по кои подобри беа скопјани. 

Домашните фудбалери тргнаа многу подобро, го притиснаа гостинот и правеа шанси. По слободен удар на стартот, Победа погоди пречка, а Илиќ собра уште неколку добри одбрани по опасните удари на домаќинот. Вардар успеа да „преживее“ во првиот половина час налети на ривалот, па следеа минути кои им припаднаа на скопјани. Првата закана ја имаше Блажевски со глава, а од блокот ја погоди стативата. Вардарци пак се обидуваа, но до полувремето Победа успеа да се одбрани. 

Второто полувреме продолжи со слично темпо, но и мирна игра на средината од теренот. Течеше 54. минута од натпреварот, кога Дејан Блажевски го отвори резултатот и Вардар поведе со 0-1. Популарниот „Шиле“ со „бомба“ директно од слободен удар реализираше од околу 30 метри, во подалечниот горен агол, за вистинско одушевување на скопските фанови во Прилеп. Домаќините останаа со десетмина, во 73. минута по црвен картон. Вардарци откако поведоа, ја презедоа и контролата врз играта, успеаја да ги неутрализираат нападите на ривалот. Сепак, иако со десетмина на теренот прилепчани по корнер во 94. минута израмнија преку Дарко Ангелески и дојдоа до пенали.

Во пенал-рулетот, двете екипи тргнаа сигурно погодувајќи во првите четири серии. На крајот, Илиќ конечно успеа да одбрани пенал на довчерашниот вардарец Петејчук и по пет серии Вардар успеа да слави.

Најтрофениот клуб во ова натпреварување го доби дербито на првата рунда, па ќе ги продолжи настапите во Купот.