Вардар пак го одложи стартот, ветувањата за платите не се исполнети

И додека сите прволигаши и второлигаши се во тренажен процес и играат пријателски натпревари, најтрофејниот фудбалски клуб Вардар повторно е во зимски сон. И повторно поради старите проблеми - финансиите.

Се случува ситуација иста како што беше пред заминувањето на Сергеј Самсоненко. Нема пари, се нема закажано старт на подготовките, а не, пак, дефинирано пријателски натпревари. Играчите подолг период немаат земено плата и чекаат на сопственикот Слободан Крстевски за да почнат да тренираат.

Првично беше предвидено да се почне со тренинзи од денес, 24 јануари, меѓутоа до такво нешто не дојде. Уште фудбалерите немаат барем дел од ветената исплата, па нема да тргнат и во тренинзи. Вардар е во незавидна ситуација, а веќе изгуби неколку првотимци поради неизвесноста и матната иднина.

Целата ситуација сигурно е дека ќе влијае на амбициите на клубот, а тоа е враќање во прволигашкото друштво. „Црвено-црните“ се на втората позиција на табелата во ВМФЛ, веднаш зад лидерот Гостивар.