ВИДЕО: Вардар одигра анемично и загуби во Ереван кај Пјуник

Македонскиот вицепрвак Вардар со пораз ја почна овогодинешната европска авантура и со минимални 1-0 (1-0) загуби на гостувањето кај Пјуник во Ереван во рамките на првото коло од квалификацискиот циклус за пласман во Лига Европа. 

Избраниците на Бабунски играа доста мачно и играта беше анемична. Шанси речиси и да немаше, се броеја на една рака, а немаше и течност во играта каква што имаше на подготовките во Словенија. Пјуник играше доста затворен фудбал, но имаше повеќе шанси во однос на Вардар, а единствениот гол вреден победа го постигна во средината на првиот дел преку Конате. Македонскиот претставник во Лига Европа ќе има шанса да се извади за лошото издание за седум дена, на домашен терен.

Натпреварот во Ереван започна со доминација на Пјуник. Домаќините тргнаа поагресивно и се заканија уште во 3. минута, но Гачевски го испрати шутот на Аветисјан во корнер. Неколку минути подоцна, следеше нова закана на домаќинот, преку Војнов, но Гачевски повторно беше на висината на задачата.

Во 12. минута од мечот Вардар првпат се закани преку Битанг, но голманот на Пјуник беше внимателен, а се играше мирно се до 28. минута кога падна единствениот гол на средбата. Пјуник тргна во контра која ја повлече Војнов, а потоа фудбалерот се реши да шутира. Гачевски тргна да го одбрани неговиот шут на десната страна, но топката удри во ногата на Конате, го смени правецот и ја стресе вардаровата мрежа.

На стартот на вториот дел Бабунски се обиде да ја освежи играта со младиот Јакуп Бериша, но повторно шансите недостасуваа. Тигран Барсегјан како да беше единствениот расположен фудбалер за игра, па се обиде двапати да го загрози голот на Пјуник, но не успеа.

До финишот на мечот, на теренот влегоа Али и Максимов, но и тие не успеаја да ја раздвижат играта на Вардар. Единствената сериозна закана во вториот дел ја имаше Попов во 82. минута, кога биеше со волеј по еден центаршут на Мицевски, но топката заврши над голот.

Вардар во следниот дуел ќе биде домаќин на Пјуник, а истиот ќе се игра во Скопје, на „Филип Втори“ Арената, в четврток, со почеток од 20.00 часот.