ВИДЕО: Вардар блед со КуПС, ќе треба фински подвиг за живот во ЛШ

Македонскиот фудбалски првак Вардар со пораз се врати во Лигата на шампионите. Нашиот претставник во елитното друштво на првиот натпревар загуби од фински КуПС во Скопје (0-2) и на реваншот на гостински терен во Куопио ќе му биде потребен подвиг за пласман во следната рунда.

  • Извештај од натпреварот:

Најтрофејниот македонски тим пред околу 4.000 гледачи доживеа пораз со примени голови во првото и во второто полувреме и според актуелната ситуација гледа кон преселба во Конференциската лига на УЕФА. Доколку Вардар испадне од ЛШ, поблизу е до дуел со Рига од Летонија во КЛ, која загуби од Арарат на првиот меч (0-2).

Во стартната постава новиот тренер Кристијан Фабијани го стави новото засилување Мигел Пиреш, а другите сите играчи беа од ланскиот тим кој ја освои титулата. Вардар имаше свои шанси, тргна со конкретна можност на Закариќ, ама Креидл одбрани, а потоа на спротивната страна КуПС имаше прекрасна можност со шут на Енгвал, а откако Талески одбрани, Матиќ спаси од самата гол-линија.

Потоа темпото на игра падна, се креираа можности не толку сериозни на обете страни, а пред финишот на првиот дел гостинот дојде до предност. По еден корнер и нафрлена топка од Антви, Магаса се најде осамен на втората статива и со глава ја смести топката во мрежата на Вардар, за 0-1. На самиот старт на вториот дел, следеше и втор гол на КуПС. Боб Нил Армах доби топка на левата страна, си создаде простор и биеше силно по земја во мрежата на Вардар за 0-2. Голот падна во 49. минута. Следеше реакција на тренерот Фабијани, направи неколку измени, во игра ги внесе новото име Герсон Родригеш, Михаил Маневски, потоа и Немања Босанчиќ и Димитар Данев, но немаше конкретни можности.

КуПС до финишот на мечот одигра онолку колку што му беше потребно, не форсираше и ја одбрани предноста која ја стекна на теренот во Скопје. Најдобрата можност да се намали негативата ја имаше Бобан Николов во 73. минута, чиј обид заврши крај дирекот. Вардар го заврши мечот и со играч помалку, затоа што исклучен беше Немања Босанчиќ заради два жолти картони Реваншот во Финска е за седум дена, ќе се игра во далечниот Куопио, а Вардар ќе биде ставен на тежок тест на терен со вештачка подлога. Подобриот од овој двомеч ќе игра со Сабах од Азербејџан или ТНС од Велс.

Состави

Гоце Седлоски

3-4-3

    Miika Nuutinen

    4-3-3