„Вардар не може да си дозволи со лажни информации да го привлекува вниманието на јавноста“

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар со соопштение до јавноста ги разјаснува нејаснотиите кои се појавија во јавноста, поврзани со меѓусебната соработка со турскиот гигант Бешикташ

Од редовите на „црвено-црните“ велат дека Вардар е македонска фудбалска гордост и не може да си дозволи со лажни информации да го привлекува вниманието на јавноста.

„Заради недоразбирањата околу соработката на Вардар со турскиот Бешикташ, должни сме да ја известиме јавноста дека спомнатата средба со Бајрам Билим, шефот на скаутската служба на турскиот актуелен првак, беше одржана и воспоставените контакти официјализирани, за можна натамошна соработка. 

Без оглед на сегашната состојба и позиции, Вардар е македонска фудбалска гордост, извориште на плеада извонредни фудбалери низ изминатите децении, за да може да си дозволи со лажни информации да го привлекува вниманието на јавноста. Објавеното се покажа дека е точно, а демантот за вистинитоста е поткрепен, (во желба за оправдување) со контра демант од таборот на Бешикташ, кој ја потврди средбата и контактите за соработка. Некаде скинатата алка на синџирот на медиумскиот тим на Бешикташ придонесе реакции и во македонските медиуми, создавајки сомнеж во функционалноста на нашите структури“, се вели во соопштението на Вардар.

Вардар пред неколку дена објави фотографија на социјалните мрежи со Бајрам Билим, по што следуваше демант од Бешикташ дека пости соработка меѓу двата клуба. Сепак, денес турскиот гигант ја потврди средбата на нивниот шеф на скаутската служба со дел од раководството на Вардар.